Македонија со ептен шарен тим и без Американец во јулските квалификации за СП 2023!

Македонската кошаркарска репрезентација со драстично ослабен состав, во кој нема повеќе допсегашни првотимци, а ќе има млади кошаркари кои допрва ќе треба да се докажат, ќе ги почне подготовките за јулските квалификации за СП 2023 во кои ќе ѝ гостуваме на Шпанија (1 јули) и ќе ја пречекаме Украина (4 јули).

Селекторот Драган Бајиќ од различни причини ќе ги нема Ненад Димитријевиќ, Дамјан Стојановски, Андреј Магдевски, Љубомир Младеновски, Бобан Стајиќ како и нашиот Американец, Џејкоб Вајли. Поради неговото отсуство, кое беше очекувано со оглед што кариерата ја продолжи во далечната Јапонија, а немањето време да се даде пасош на друг него сонародник, Македонија првпат по подолго време ќе игра без натурализиран кошаркар во екипата.

Лидер на овој состав, кој ќе брка барем победа над Украинците со 15 или повеќе поени, со надеж дека тие ќе ги загубат преостанатите две средби, ќе биде Војдан Стојановски, додека помош ќе очекува пред се од клупските колеги од МЗТ Скопје, Бојан Крстевски, Адем Мекиќ, Дамјан Робев и Кристијан Николов. Од поискусните меѓу повиканите се Стојан Ѓуроски и Андреј Маслинко, додека првпат шанса меѓу сениорите добиваат неговите клупски колеги од ТФТ, Страхил Николов и Виктор Ташевски. Потенцијален дебитант е и Рубин Стефанов, синот на легендарниот Врбица Стефанов, кој исто така е меѓу 14-те кошаркари кои ќе конкурираат за настап на овие две средби.

Улогата на лидер под кошевите ќе ја има Теодор Симиќ, а се очекува првпат минутажа во националниот тим да добие Валмир Какруки. Последните две места ќе ги пополнат Виктор Ефремовски и Андреј Јакимовски.

Првиот собир на сениорскиот национален тим е предвиден за 25. јуни (сабота), во салата „Борис Трајковски“, каде „црвено-жолтите“ ќе се подготвуваат до заминувањето за Сарагоса, како и по враќањето за Шпанија во пресрет на дуелот со Украина, кој ќе се одигра во овој објект.