Магијата на нашиот Димитријевиќ меѓу трите потези на сезоната во Шпанија (ВИДЕО)

Зад најдобриот македонски кошаркар за 2019 година, Ненад Димитријевиќ, е сезона во која на најдобар начин го покажа сиот свој потенцијал во дресот на шпански Хувентуд, максимално искористувајќи ја поголемата минутажа за настап во можеби најсилната лига во Европа.

Неговата добра игра му донесе низа понуди летово и тоа од неколку евролигашки екипи, за што заслужен е и магичниот потег што го имаше на дербито против Барселона, а кој е избран за трет најдобар во целата сезона во ЕНДЕСА-лигата. Дриблингот на Димитријевиќ низ нозе и тоа со лажен обид за додавање предизвика делириум во салата во Бадалона, но и ширум Европа, со оглед што немаше речиси ниту еден спортски медиум на Стариот континент кој не ја објави оваа мајсторија на Македонецот.

Пред македонскиот репрезентативец се само потезите на Џордан Мики (Реал Мадрид) и Џош Адамс (Уникаха), а на шестата позиција е уште едно познато име од македонската кошарка и тоа Џејлон Браун, кој во 2017 година настапуваше за екипата на Карпош Соколи, а сега е дел од тимот на Билбао.