Кошаркарскиот спектакл против Шпанија би можел да се игра пред – празни трибини!?

Гостувањето на актуелниот светски кошаркарски првак Шпанија во „Јане Сандански“ и дуелот против Македонија, закажан за в петок (19.30 часот) на стартот од квалификациите за СП 2023, предизвикува голем интерес во јавноста, поради што веќе се бара билет повеќе и речиси сигурно избраниците на селекторот Драган Бајиќ би играле пред исполнети трибини до максимумот предводен од безбедносните мерки против пандемијата.

Но, денешната стравична несреќа на македонскиот автобус во Бугарија, во кој загинаа најмалку 46 македонски граѓани, би можело да биде причина долго очекуваниот спектакл да се одигра пред – празни трибини. Причина за ваквото сценарио е очекуваното прогласување на три дена на жалост во државата, во знак на почит за жртвите на големата трагедија во источното соседство. Според законите, во денови на жалост се откажуваат сите манифестации од забавен и спортски карактер, но со оглед што станува збор за интернационална средба која не би можело да биде пролонгирана, најреална варијанта е средбата да се одигра ама без присуство на публика.

Сето ова засега е само шпекулација, која, сепак, наскоро би можела да биде официјализирана. Добрите познавачи на приликите се сигурни околу прогласувањето на тридневна жалост во целата држава, но прашање е само дали тоа би било направено денеска или утре. Ако одлуката биде донесена денеска, тогаш средбата помеѓу Македонија и Шпанија би се одиграла според планираното, но ако Владата реши периодот на жалост за многуте жртви да почне утре, тогаш тој ќе трае до петок поради што тешко дека би било дозволено да се одигра средбата пред публика.

Ваквата шпекулација се заснова на случувањата од не така далечното минато, кога поради сличната тешка автобуска несреќа кај Ласкарци, кога загинаа трипати помалку луѓе од денеска кај „Струма“, беше одложена завршницата од Купот на Македонија. Спортски натпревари беа одложени или одиграни пред празни трибини и во септември годинава, по големата трагедија во модуларната болница во Тетово, кога исто така имаше многу жртви по што беше прогласена тридневна жалост.

Во моментов, во продажба има уште околу 400 билети, бројка која што постојано се намалува.