Кошаркарите вечерва против Норвешка: Го немаат Халанд, ама газат сѐ пред себе!

Кога на просечно информираниот спортски вљубеник му кажете дека Македонија игра дерби-пресметка против Норвешка, која се очекува да биде драматична и до крај неизвесна, прва асицијација би му била дека тоа е фудбалска или ракометна пресметка, но тешко дека би очекувал ваква најава за кошаркарски дуел на овие две селекции.

Причина за такво нешто е фактот што нашата држава има(ше) многу поголем кошаркарски рејтинг во однос на Норвежаните, кои поради Халанд, многуте ракометни и скијачки ѕвезди важат за сѐ освен за кошаркарска нација. Но, нивниот досегашен настап во претквалификациите за ЕП 2025 и двете убедливи победи над Словачка на гости и Данска дома ги прави исклучително незгоден и ривал за почит во пресрет на вечерашната пресметка во Гевгелија, закажана за 19 часот.

„Ја гледавме Норвешка, станува збор за добар тим кој игра кошарка со многу движења и силна транзиција. Се работи за специфична репрезентација, со квалитетен офанзивен скок. Наше е да го затвориме нивниот најдобар играч, кој им е на плејмејкерската позиција и да ја спречиме транзицијата. Мора сите 40 минути да играме фокусирано и квалитетно. Шутот за тројката исто им е доста добар, токму поради таа транзиција, на последниот меч со Данска дадоа 20 тројки, со 65-отстотна прецизност“, вели Војдан Стојановски.

Кај жолто-црвените ќе ги нема Ненад Димитријевиќ и Андреј Јакимовски поради обврски во клубот и без Кристијан Николов поради повреда, а се очекува деби на нашиот нов Американец, Ти-Џеј Шортс, најдобриот стрелец минатата сезона во Бундеслигата.

„Сите што пратат европска кошарка знаат дека Ти-Џеј Шортс е лидер во тимовите каде и да играл. Се работи за сериозен играч со светла иднина. Тој е одличен пред се како личност, тоа го почувствувавме веднаш на стартот, бевме како да се знаеме долго. Ќе ни биде од преголема помош сигурно“, дополни бекот на МЗТ Скопје.

Македонија и Норвешка имаат скор 2-0, додека Словачка и Данска по 0-2 во претквалификациската група, од која само првопласираната репрезентација ќе се пласира во квалификациите. Поради тоа, вечерашниот дуел е од огромно значење за избраниците на селекторот Александар Јончевски, кои в недела ќе одиграат уште еден меч во Гевгелија и тоа против Данска. Двете средби директно ќе бидат пренесувани на регионалната телевизија Спортклуб.