Казна за неуспехот: Кошаркарите ги чекаат четири средби за 18 дена во август!

Македонската кошаркарска репрезентација се враќа онаму каде што и беше во моментот кога ФИБА го промовира новиот систем за пласман на големите натпреварување, па во август, како казна за неуспехот во квалификациите за ЕП 2022, ќе мора да настапи во втората фаза од претквалификациите за Светското првенство (СП) 2023 година.

Светската Куќа на кошарката денеска го објави системот на натпревари и термините кога тие ќе се играат, а тоа е пеколниот август, во кој по традиција играат само репрезентациите кои се далеку од европската елита. Македонија и уште седум селекции кои беа дел од неодамна завршениот квалификациски циклус ќе им се приклучат на четирите национални тимови кои успешно ја минаа првата претквалификациска фаза. Овие 12 репрезентации ќе бидат поделени во четири групи, од кои најдобрите две од секоја од нив ќе се најде во последниот филтер за пласман на следниот Мундобаскет.

Циклусот натпревари ќе почне на 11 август, а шестото коло ќе заврши на 28 август. Предвидени се шест кола, а секоја од репрезентациите ќе одигра по четири средби (две дома и две на гости) и двапати ќе биде слободна, по што ќе се знае конечниот пласман. Во секоја од групите ќе се најдат две селекции што играа квалификации за ЕП, како и една од првата претквалификациска фаза.

Ова, секако, е систем што би се користел ако ситуацијата со пандемијата со коронавирусот се смири. Во спротивно, августовските претквалификации ќе се играат во балон, со домаќин што дополнително ќе биде одреден за секоја група. Но и во било која варијанта, ова е лоша вест како за репрезентативците така и за нивните клубови, со оглед што со подготовките би морале да почнат кон крајот на јули и со националниот тим да бидат сѐ до крајот на август.