Јончевски: Се надевам дека Димитријевиќ и Шортс ќе функционираат беспрекорно

Македонската кошаркарска репрезентација денеска ги почна подготовките за клучните два натпревара од квалификациите за Европското првенство што ќе се одигра летово.

Селекторот Александар Јончевски е оптимист дека може да се дојде до посакуваните резултати иако е свесен дека ќе биде исклучително тешко. На рсполагање ќе ги има двајцата евролигашки кошаркари Димитријевиќ и Шортс од кои се очекува најмногу на двата меча, против Естонија и Полска.

„Во моментов размислуваме само на Естонија и на натпреварот кој мора да го добиеме за да одиме понатаму, а за Полска ќе се подготвуваме по Естонија. Имаме мотив, имаме желба, составот можеби не е во најпосакуван изглед по моментов. Имаме среќа што Ненад Димитријевиќ е со нас, тука го имаме и Ти-Џеј Шортс. Се надевам дека како тандем ќе функционираат беспрекорно и ќе дојдеме до победа. Со Јакимовски сум во контакт, имавме позитивни одговори од Колорадо затоа што имаа минимални шанси да се квалификуваат понатаму. Но, пред скоро добивме порака дека тимот има шанси да оди понатаму. Се надевам дека ќе се појави тој во Талин и ќе го имаме на располагање. За разлика од претходниот циклус, го имаме Теодор Симиќ, кој се надевам дека ќе помогне за игра под кошевите, најголемиот проблем кој го имавме претходно со такви физички репрезентации. Тука гледам наша шанса и за некоја брза игра, да ги бркаме тие пет поени негатива во Талин“, рече Јончевски.

Против Естонија играме в петок во Талин и потребна ни е победа од најмалку пет разлика. Со Полска се среќаваме три дена подоцна во Скопје.