Јончевски: Имавме среќа против Данците, за место во елитата ќе ни требаат пет победи!

Александар Јончевски и по четвртиот меч останува со максимален победнички успех како селектор на Македонија, откако неговите момци вечерва во драматичен меч со едно продолжение вторпат ја совладаа Данска (74-71).

Шампионскиот стратег со МЗТ Скопје е свесен дека неговите момци имале и доза на среќа со оглед што противникот имаше и зицер за победа во регуларниот дел, а воедно го испофали херојот Ти-Џеј Шортс, кој се покажал како одлично засилување на паркетот, но и надвор од него со оглед што е одлично и скромно момче.

„Данците го контролираа натпреварот, па и да победеа ќе беше заслужено. На крајот имавме малку среќа бидејќи една топка решаваше. По серијата порази, не очекувавме да тргнеме со четири победи кон Евробаскетот. Вечерва одигравме одлична одбрана, но се мачевме во нападот. Ти-Џеј Шортс креираше поени од непостоечка ситуација, беше мотор на екипа, а згора се работи за скромно момче кое одлично се вклопи. Ова беше исклучително тежок меч, бидејќи уште на загревање мислевме дека работата е завршена бидејќи позначаен ни беше дуелот со Норвежаните. Притисокот беше врз нас, а тие беа растоварени, што се виде на паркетот. Погодуваа тешки шутеви, ни правеа проблеми под кошевите. Се вратиме благодарение на публиката, успеавме да ја пребродиме кризата и да славиме. Благодарен сум за поддршката, не сум видел вакво пеколно навивање“, анализираше селекторот.

Предводникот на Македонија даде видување и за вториот денешен меч во кој Славачка како гостин ја совлада Норвешка (68-56), како и за крајот од претквалификациите во февруари в година.

„Победата на Словаците кај Норвешка не е изненадување, тие се во одлична форма и сега се вклучија во битката за врвот. Следниот натпревар со нив ќе биде тежок, како и тој во Норвешка. За пласман понатаму мислам дека ни се потребни барем пет победи“, дополни Јончевски.

Словачка освен што ќе брка победа против нашите кошаркари ќе мора да се избори и за триумф со повеќе од четири поени разлика за да бидат подобри од нас при евентуални ист бодови, што е најмногу што тие може да дојдат.