ФИБА денеска ќе ја репризира историската победа на Македонија над Литванија (ВИДЕО)

Во отсуство на спортски настани поради пандемијата со коронавирусот, но и на успеси на кошаркарска сцена во последните пет-шест години, на вљубениците на спортот со портокаловата топка кај нас денеска како мевлем на рана ќе им „легне“ најавата од Светската кошаркарска федерација (ФИБА) за реприза на историската победа на Македонија над Литванија (67-65) за пласман во полуфиналето на ЕП 2011.

Натпреварот во кој блескаше Лестер Бо Мекејлеб со 23 поени, а по кој Владо Илиевски ја кажа можеби најлегендарната спортска изјава „Леле, луѓе, што им направивме“, ќе се емитува на социјалните канали на ФИБА како Фејсбук и Јутјуб со почеток од 17 часот. Ова, дефинитивно, е еден од најлудите мечеви во историјата на континенталните собири, во кој малата и веќе отпишана Македонија со лудата тројка на Илиевски пред самиот крај успеа да го сруши домаќинот и еден од фаворитите за медал и за првпат да се пласира во европско полуфинале.