Бламажа во Италија: Кошаркарките имаа повеќе загубени топки од - поени!

Уште една мизерна партија на женската кошаркарска репрезентација на Македонија и тоа на вечерашното гостување кај Италија (33-93) во меч од 4. коло од квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2019 година.

Избраничките на селекторот Марјан Лазовски уште еднаш потврдија дека се со илјадници километри оддалечени од квалитетот со кој располагаа селекциите во нашата група, иако ова не беше највисок пораз со оглед што пред неколку дена загубивме дома од Хрватска со минус 61 поен разлика. Но, вечерва нападот беше безидејен за што говори фактот што првите поени ги постигнавме во осмата минута, а во последната четвртина реализиравме само еден кош од игра и тоа во последната минута од средбата.

Жолто-црвените постигнаа помалку поени од што се одиграа минути, а од самиот поглед кон статистика ептен боли главата, најмногу од бројот на загубени топки – вкупно 34, кој беше поголем од постигнатите поени. Разбирливо, ниту една од нашите кошаркарки не постигна двоцифрен број поени, а најефикасна беше Анџелика Митрашиновиќ со девет поени.

Трагедијата да биде поголема, дури и најкатастрофалната селекција во квалификациите, Албанија, која денеска загуби со неверојатни 113 поени разлика, постигна повеќе поени од Македонија. Денешната игра е само уште една потврда дека е потребно сериозно да се размисли дали воопшто вреди да се трошат пари на селекција која на ваков начин ја претставува нашата земја во Европа.