
„Чест ми е што ќе го заменам Војдан – ќе гинеме за секоја топка!“
Новата улога на веќе искусниот плејмејкер почнува со двете пријателски натпревари против Швајцарија, закажани за денеска и утре (двете со почеток од 19 часот) во спортскиот комплекс „НБ Ноел“ во Негорски Бањи.
„Чест ми е што ќе го заменам Војдан. Со капитенската лента доаѓа и поголема одговорност на теренот, но и во соблекувалната. Ќе се обидам атмосферата во екипата да остане како што била и до сега и сите да продолжиме да играме за тимот и да гинеме за секоја топка“, истакнува Магдевски.
Дуелите со швајцарската селекција ќе бидат добра можност за нашите кошаркари да видат до каде се по досегашната работа.
„Нè очекуваат контролни натпревари против репрезентацијата на Швајцарија која е долго време заедно и се надевам дека ќе покажеме дел од сработеното овие десетина дена кои се зад нас“, додава Магдевски.
Повторно во составот е и натурализираниот Џејкоб Вајли, чие искуство и мотивација се оценети како големо засилување за тимот.
„Вајли е повторно дел од репрезентацијата, кошаркар кој доаѓа со голема желба и мотивација да игра за овој дрес и ќе се потруди неговото искуство да го пренесе на оваа подмладена репрезентација“, завршува Магдевски.
Македонија првиот претквалификациски меч ќе го одигра на 2 август против Романија во Куманово.