Кошаркарите на МЗТ Скопје продолжија со добрите партии, откако вечерва, на теренот на противникот го совладаа српскиот тим Динамик (92-82) и дојдоа до седмата победа во деветтиот меч сезонава во АБА2-лигата. Ова беше втор гостински триумф за аеродромци, до кој дојдоа пред сѐ со одличен шут и тоа за три поени (13/24).

Домашниот тим подобро го почна натпреварот, па уште по неколку воведни минути дојде до седум поени разлика (9-2 и 21-14). Тоа како да ги подразбуди кошаркарите во сино-бела опрема, кои првата четвртина ја завршија со осум поени во низа за минимално водство (22-21) во пресрет на вториот период. Изедначеноста на паркетот траеше сѐ до финишот од овој дел од играта, кога почна серијата тројки на гостите од Аеродром, кои благодарение на проектилите од далечина прават серија 20-4 по која дојдоа дури и до двоцифрена позитива (58-47).

Добрата форма на избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов и акумулираното искуство собрано од играње натпревари речиси секој трет ден дојде до израз во последните 15 минути, во кои умешно го одбиваа секој напад на противникот да се врати во игра за победа. Секогаш кога загустуваше доаѓање некој прецизен шут за тројка, најчесто од вечерва расположените за шут Џабари Хиндс, Бојан Крстевски и Ерон Харис.

МЗТ Скопје на средина од последната четвртина дојде до највисоките плус 13 (84-71), со кои ја најави значајната победа во борбата за самиот врз на табелата во АБА2-лигата и тоа против тим кој е во серија од четири триумфи по ред. „Металците“ и по деветтата рунда остануваат на втората позиција на табелата, со учинок 7-2, односно со една победа помалку за Борац Чачак, кој вечерва како гостин го совлада незгодниот Широки (93-74).

Хиндс одигра уште една фантастична средба, која ја заврши со дабл-дабл ефект од 22 поени (четири тројки) и 13 асистенции. Веднаш зад него беа Крстевски со 21 (3/5 за тројка) и Дамјан Стојановски со 19 поени, додека додека двоцифрен поентерски ефект имаше и Харис со 16 поени (3/3 за тројка).

Следен противник за составот од „Јане Сандански“ во регионалното натпреварување е тимот на Нови Пазар, кој ќе гостува во Скопје следната среда. Претходно, в недела, пред сино-белите кошаркари е уште едно тешко гостување од Првата лига и тоа кај сезонава одличниот Еуро Никел во Кавадарци.