Српско-хрватска „војна“ во Цибона: Жестока пресметка на тренерот и клупската легенда!

Екипата на Цибона славела победа во неодамнешната пресметка со Горица (91-84), во меч кој бил обележан со жестоката кавга помеѓу српскиот тренер Влада Јовановиќ и легендата на хрватскиот тим, Дамир Маркота.

Според „Индекс“, поранешниот репрезентативец на Хрватска го почнал натпреварот, но бил изваден од игра по три ипол минути и останал на клупата до крајот на полувремето. Тоа донело огромен бес кај Маркота, кој влегол во вербален конфликт со Јовановиќ, кој, пак, не му останал должен и му се внел в лице. Сведоци велат дека кавгата била на висок тон со многу пцовки, по што кошаркарот воопшто не бил на клупата во второто полувреме.

Тренерот на Цибона не сакал да го коментира инцидентот, кој, наводно, продолжил и по натпреварот, поради што од Маркота било побарано воопшто да не доаѓа на тренинзите додека не биде донесена одлука околу неговата судбина.