Србите платија 140.000 евра за да може да играат во најсилен состав на СП во Кина!

Кошаркарскиот сојуз на Србија (КСС) мораше да плати дополнително осигурување во износ од 140.000 евра за да може да сметаат на својот можеби најдобар играч Богдан Богдановиќ на претстојното Светско првенство (СП) годинава во Кина.

Генералниот секретар на КСС, Дејан Томашевиќ, откри дека првичното барање било дури 355.000 евра, но дека со помош на Зоран Радовиќ од ФИБА и Владе Дивац од Сакраменто, клубот за кој настапува српскиот репрезентативец, таа сума била повеќе од двојно намалена.

„Сите НБА-кошаркари кои ќе настапат на СП се покриени со групното осигурување на ФИБА, но, за жал, најдобрата светска лига и осигурителната компанија го задржуваат правото да бараат дополнителни средства за кошаркарите кои биле повредени или имале операција. Бевме приморани да платиме 140.000 евра, што дури е и добра сума со оглед што прично ни бараа барани 355.000 евра. Преписката со ФИБА и Сакраменто траеше дваесетина дена, но успеавме на крајот со помош на државата“, изјави Томашевиќ.

Ова значи дека Богдановиќ целосно може да му се стави на располагање на селекторот Александар Ѓорѓевиќ во пресрет на Мундобаскетот на кој влегуваат можеби на најголем фаворит поради проблемите со составот на САД.