Работнички му „украл“ две титули на Партизан – една во Белград и две во Скопје (ВИДЕО)

Без разлика што од распадот на СФР Југославија минаа повеќе од три децении, многумина сѐ уште романтично гледаат на периодот минат во поранешната заедничка држава, што особено се однесува на спортот и поточно на кошарката.

Некогашната југословенска лига долого време важеше за една од неколкуте најсилни во Европа, каде што секогаш била жестока борба за титулата и во која ретко кога имало огромни фаворити. Дури и тие што се бореле за опстанок биле ептен незгодни за противниците, особено на домашен терен, а меѓу нив дефинитивно се вбројува и Работнички. Потврда за тоа деновиве стигна и од легендарниот директор на Партизан, Драган Тодориќ, кој во гостување на српска телевизија откри интересен податок.

Според него, црно-белите дури во три наврати не дошле до шампионскиот трофеј поради порази во пресметките со тимот од „Градски парк“.

„Во тоа време говоревме дека чим седнеме во воз, шансите за победа драматично ни се намалуваа, без разлика каде требаше да гостуваме. Во Задар ептен тешко се победуваше, ништо полесно не ни беше ниту во Љубљана. Ние три титули државен прва изгубивме во пресметките со Работнички – една во Белград и две во Скопје. Да не зборам за средбите кај Југопластика или Цибона. Југословенската лига беше најсилна во Европа и тоа без странци“.

Работнички во периодот од 1945 до 1992 година во 19 сезони настапуваше во најсилното југословенско натпреварување во кое дебитираше во 1965 година и во кое најдобар пласман му беше петтата позиција и тоа во три наврати. Центарци во последната сезона пред дефинитивниот распад завршија и на третото место на табелата, но тоа беше првенство во кое не настапија екипи од Хрватска и Словенија.