Го плати 800.000 евра: Рајковиќ ѝ „украде“ српски репрезентативец на Ц. Звезда!

Дека планира да направи квалитетен тим без разлика што нема да игра во Евролигата, новиот тренер на ЦСКА Москва, нашиот Емил Рајковиќ, го демонстрира со првото засилување и тоа од таборот на најдобриот тим во нашиот регион, Црвена Звезда.

Станува збор за српскиот репрезентативец Дејан Давидовац (27 години), за кого ова ќе биде прво интернационално искуство, а кој годишно ќе заработува 800.000 евра.

„Дејан е универзален играч, одличен на повеќе позиции во тимот. Неговиот најголем квалитет е кошаркарската интелигенција, продорот и играта во одбрана. Како играч на Црвена Звезда никогаш не беше себичен и беше во целост фокусиран на тимот. Му посакувам што е можно побрзо да се адаптира на нашиот систем во ЦСКА“, изјави Рајковиќ.

Давидовац играше за Црвена Звезда од 2015 до 2022 година, период во која делумно играше и на позајмици во ФМП, Вршац Свислион и Пролтер Нафтагас. Тој е трикратен освојувач на АБА-лигата, има четири титули во српското првенство, две во Купот на Србија и една во Суперкупот на АБА. Беше дел и од репрезентацијата на Србија до 20 години, која во 2015 година дојде до европското злато во Италија.