Битолски Пелитер ја запиша својата прва победа во дебитантската сезона во регионалната АБА2-лига, откако вечерва ја здроби Сутјеска во својот втор меч со 93-73, за да се извади за кошмарното деби со поразот со 85-108 од Ловќен.

Битолчани безмалку во целиот меч имаа водство и контрола на мечот, а во третата четвртина го скршија противникот за да исчекорат до двоцифрена предност, која на средина од последната четвртина стигна до плус 20 (85-65) и на крај со толкава предност се радуваа битолчани, заслужено триумфирајќи на овој меч за да ја запишат својата прва историска победа во регионалното друштво.

Од самиот старт Пелистер имаше контрола, па дури во завршницата од првиот период Сутјеска успеа да дојде во водство од три поени (17-20), но набрзина битолчани се вратија во ритам за да го свртат мечот во своја полза, а во вториот период брзо дојдоа и до плус осум (31-23, па 33-25), но Сутјеска не се предаде и пред полувремето дојде до егал (43-43) со серијата од шест поени, ама до тука им беше силата на Црногорците.

Битолчани на пауза заминаа со плус четири (51-47), а потоа во третиот период го збришаа противникот. Со серија од 11-0 на средина од третата четвртина стигнаа до убедливи плус 16 (70-54), па практично ја обезбедија победата, која до првата половина од последниот период ја зголемија на плус 20 и потоа само рутински го одведоа мечот до крајот и триумфираа со 93-73.

Џабе Томашевиќ и Спасојевиќ заедно дадоа 43 поени за Сутјеска, како најдобри стрелци на мечот, зашто дури петмина во битолскиот состав имаа двоцифрен ефект, а деветмина се запишаа во листата на стрелци. Малешевиќ и Бојан Трајковски постигнаа по 16, Хоутон додаде 14, Младеновски имаше 13, а Кесар заврши со 12 поени.

После првиот балон Ловќен и Борац Бања Лука се со по две победи, а Пелистер има ефект 1-1, како и македонскиот првак МЗТ Скопје и уште осум други тимови.