Поранешен центар на Работнички се мајтапи со првиот човек на Србија!

Веста дека актуелниот претседател на Србија, Александар Вучиќ, се запишал на факултетот за спортски тренери во Белград предизвика огромен интерес на целиот Балкан и донесе голем број, пред сѐ сеирџиски коментари на социјалните мрежи, но и меѓу сегашни и поранешни кошаркарски работници.

Еден од тие кои се мајтапеа со желбата на Вучиќ да стане кошаркарски тренер е и поранешниот центар на Работнички, Миодраг Мариќ, кој е и некогашен играч на Партизан и репрезентативец на поранешна СФР Југославија.

„Да не стануваше збор за претседател, ваквата идеја би била за исмејување. Никако не можам да го замислам Вучиќ како кошаркарски тренер, кој дава совети и стручни мислења на талентирани момчиња и девојчиња. Му посакувам веднаш, по завршување на мандатот, да стане тренер на првиот тим на Црвена звезда, како што неодамна најави првиот човек на овој тим, Небојша Човиќ“, изјави Мариќ.

Прославениот југословенски центар го носеше дресот на Работнички во сезоната 1991/92, која е последна за тимот од „Градски парк“ во поранешната заедничка држава.