Фантастичната игра во третата четвртина и серијата 22-6 направена во овој период од средбата на кошаркарите на МЗТ Скопје им донесе исклучително важна победа на гостувањето кај Ловќен со 85-67 (22-16, 16-19, 24-13, 23-19) во меч од 15. коло од АБА2-лигата со кој ставија крај на низата од два порази по ред.

Триумфот е позначаен со оглед што е над директен конкурент за едно од првите две места на табелата, кои носат привилегија на домашен терен во полуфиналето од плејофот, но и дека е остварен без моторот на екипата, Лестер Медфорд, како и без репрезентативниот центар Љубомир Младеновски. Аеродромци максимално заслужено дојдоа до бодовите, со оглед што ја имаа контролата врз играта и резултатот во сите 40 минути.

Блескавата серија на избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов им донесе највисоки плус 17 (60-43), кои потоа умешно беа зачувани и капитализирани во десетти триумф сезонава во регионалното натпреварување. Најзаслужен за овој дел е Џејмс Вудард, кој четвртите десет минути ги почна фантастично, со три тројки во низа со кои го оддржуваше растојанието во однос на домаќинот.

Тимската игра беше клучниот фактор за триумфот на МЗТ Скопје, со оглед што сите осум кошаркари кои добија шанса имаа свој придонес во крајниот епилог. Андрија Бојиќ повторно беше најефикасен кај сино-белите со 24 поени и девет скока, а веднаш зад него беа Вудард со 18 односно Дамјан Стојановски со 10 поени. Во дресот на „металците“ дебитираше последното засилување, Предраг Самарџиски, кој за девет минути постигна четири поени.

Следниот предизвик за составот од Аеродром е босанскиот претставник Зрињски, кој за точно една недела ќе гостува во „Јане Сандански“.