Партизан и Ц. Звезда влегоа во војна која може да стави крај на АБА-лигата!

Денешното Собрание на АБА-лигата мина во хаотична атмосфера на меѓусебна кавга и обвинувања помеѓу првите луѓе на Партизан и на Црвена звезда, кои меѓусебната нетрпеливост ја пренесоа на регионална сцена и чија војна може да биде причина за целосно исчезнување на ова натпреварување.

Причина за денешните препирки беше изборот на претставникот на ФМП за претседател на Собранието на лигата и тоа според системот на ротација, со што не се сложија црно-белите, кои го спорат настапот на составот од Железник поради блиските врски кои ги имаат со нивниот најголем црвено-бел ривал. Повеќе од три часа траеја надмудрувањата при префрлањето на претседателската палка од Цибона на ФМП поради неприфаќањето на такво нешто од Партизан, поради што беа одложени сите точки на денешниот дневен ред освен извлекувањето на двојките.

Првиот човек на Будуќност, Драган Бокан, ја презеде улогата на посредник, па во текот на следните денови ќе треба да ги седне завојуваните страни на иста маса за да се најде заеднички јазик, што е неопходен услов за продолжување на АБА-лигата. Регионалното натпреварување мора да се пререгистрира пред хрватскиот суд, што не може да се стори без потписите на сите екипи-сопственички, меѓу кои сѐ уште е и МЗТ Скопје, нешто што црно-белите немаат намера да го сторат ако ФМП не биде префрлен во АБА2 бидејќи сметаат дека е филијала на Ц. Звезда, а не посебен клуб.

Меѓу екипите кои се најдоа на ждрепката беше и Копер Приморска, со што најверојатно пропадна и последната можност словенечкиот тим да го откаже настапот во јадранската елита поради финансиски проблеми, а на негово место да влезе македонскиот шампион.

Сезоната во АБА и во АБА2, во која речиси сигурно ќе имаме два тима и тоа МЗТ Скопје и Работнички, е планирано да почне кон средината на септември, иако денеска дојдоа неофицијално најави за нејзино пролонгирање најмалку на две недели поради пандемијата со коронавирусот.