По значајната победа на првиот тим на МЗТ Скопје на гостувањето кај Динамик (92-82), одличната вечер за аеродромци ја комплетира јуниорскиот состав на оваа екипа, која со триумф над Морнар Бар (82-73) го почна настапот на полуфиналниот турнир од У19-шампионатот во АБА-лигата, кој се игра во Задар.

Сино-белите апсолутно заслужено триумфираа, иако за тоа им требаа дополнителни пет минути. Момците предводени од тренерот Горан Крстевски доминираа во најголемиот дел од средбата, имаа и плус 13 (59-46) на седум минути до крајот, но попуштија во финишот и примија тројка на неколку секунди до крајот, со која противникот изедначи на 66-66. Но, талентите од Аеродром блеснаа во продолжението (16-7) и не му дадоа шанса на противникот воопшто да помисли на победа.

Виктор Исајловски беше централната фигура кај МЗТ Скопје со 26 постигнати поени, а веднаш зад него беа Дарио Митевски со 17 односно Љубиша Димитровски со 15 поени.

Македонскиот претставник утре ги продолжува натпреварите во хрватскиот приморски град, кога ќе одигра две средби и тоа прво против домаќинот Задар (11.45 часот), а потоа и против Црвена звезда (20.15 часот). Сино-белите јуниори в сабота ќе ги одмерат силите со Цедевита Олимпија (11.45 часот), додека в недела ќе финишираат против Копер Приморска (11.45 часот).

Пласман на финалниот турнир ќе обезбедат двете првопласирани екипи на крајот на табелата.