„Нѐ плукаа, тепаа, бевме гаѓани со камења и столчиња и затоа моравме да – побегнеме!“

Хаосот со последниот натпревар од финалната плејоф-серија од АБА-лигата помеѓу Црвена звезда и Будуќност продолжува со оглед што натпреварот доцни повеќе од 40 минути, а гостите од Црна Гора веќе се огласија и со соопштоние објаснувајќи зошто побегнаа од паркетот.

„Кога нашите играчи излегоа од тунелот се случи општа хистерија и фрлање со најразновидни предмети од трибините кон нас. Ситни парички, батерии за мобилни телефони, камења, полни шишиња, па дури и столчиња. Околу 40 навивачи на противникот влегоа во теренот и дојдоа до нашата клупа. Тие нѐ плукаа и физички нѐ нападнаа, пред сѐ Норис Кол, Ерл Кларк и Немања Гордиќ. Последниот беше удрен со столче фрлено од партерот крај теренот“, се вели во соопштението од црногорскиот тим.

Црвено-белите во два наврати се обратија кон публиката со молба да не фрлаат повеќе предмети, бидејќи и еден да падне средбата ќе биде прекината. Секако, ако дуелот воопшто почне.