„Никогаш не сум добил ваков аплауз после пораз – тоа е доказ дека одигравме одлично!“

Ослабената екипа на МЗТ Скопје, каде што фалеа првотимците Кеандре Кук и Страхиња Миќовиќ, одигра фајтерски меч против силниот тим на Будуќност, кој го загубија иако според статистиката имаа подобар шут, скока и асистираа подобро.

По средбата, тренерот Драган Николиќ емотивно ја анализираше средба, потенцирајќи го аплаузот добиен од публиката и покрај загубениот натпревар.

„Честитки за Будуќност на победата. Верував дека можеме да изненадиме вака добар ривал, но многу ни недостасуваа Кук, Миќовиќ и Пандев. Ретко кога сум доживеал да добијам ваков аплауз од целата сала при пораз. Тоа скандирање од публиката не го доживува секој тренер, навистина ми е мило што го доживеав, како доказ дека навистина одигравме добро и го оставија срцето на терен. Ако играчите продолжат со оваа енергија, верувам дека ќе успееме да дојдеме до посакуваната цел. Можеби ќе се свртиме кон уште едно засилување, ама тоа понатаму. Добро е што пружаме отпор на најсилните екипи на Балканот. Сакам прво да бидеме комплетни, да видиме што ни недостига. Конечно добивме длабочина во тимот, имаме екстремно добри шутери кои сега имаат повеќе простор. Успеавме да се вратиме по негатива од 19 поени, што значи дека има простор за напредок. Во следните натпревари треба да одиграме како денес, како во Загреб и како во првото полувреме со Звезда“, изјави Николиќ.

Следен регионален противник на МЗТ Скопје е вториот црногорски претставник Студентски центар, средба закажана за следната сабота во Подгорица.