На потег е КФМ: Настапот на вечните ривали во АБА2 ќе направи „хаос“ во Првата лига!

Одлуката новата сезона во АБА2-лигата да почне со т.н. „балон“ односно турнир што ќе се одигра на Златибор (Србија) дефинитивно ќе донесе хаос во македонската Прва лига, со оглед што МЗТ Скопје и Работнички повеќе од две недели ќе бидат „недостапни“ за играње средби на домашна сцена.

Второто по квалитет регионално натпреварување почнува на 9 ноември што значи дека во поголем дел од следниот месец двете најсилни македонски екипи нема да бидат достапни за играње на домашна сцена. Ова воедно значи дека дваесетина дена нема да бидат достапни за настап во Првата лига, што значи по две одложени средби во најмалку три кола по ред.

Од КФМ најавија дека ќе им излезат во пресрет на вечните ривали при нивниот настап во АБА2-лигата, поради што не се очекуваат проблеми при пролонгирањето на средбите на МЗТ Скопје и Работнички, што ќе биде задача за комесарот Сречко Хорват.