МЗТ сѐ поблиску до АБА: Приморска не доби лиценца и е пред преселба во Четврта лига!

Македонскиот кошаркарски шампион, екипата на МЗТ Скопје, е чекор поблиску до враќање во АБА-лигата, откако словенечкиот тим Копер Приморска, чие место би требал да го пополни, денеска остана без лиценца за натпреварување во Словенија.

Актуелниот словенечки првак и најпријатно изненадување во поголем дел од минатата сезона во елитната јадранска конкуренција се наоѓа во големи финансиски проблеми, односно должи најмалку 1,6 милиони евра. Информациите од Словенија велат дека сметката на Приморска е блокирана од поранешен кошаркар и од поранешен тренер, на кои им се должи многу, а кои не сакаат да постигнат било каков друг договор освен исплата на сите пари одеднаш. Поради тоа, Словенечката федерација не им издала лиценца за настап во Првата лига, а ако не им помине и најавената жалба, тогаш Копер Приморска ќе биде преселена дури во Четврта лига.

Ако се случи тоа, тогаш словенечкиот тим ќе остане и без местото во АБА бидејќи јадранската организација нема да дозволи во нивното елитно натпреварување да игра екипа која во матичната држава игра во најнизок аматерски ранг. Сето ова оди во прилог на МЗТ Скопје, чија управа веќе изрази подготвеност да се нафати на предизвикот наречен повторно играње со Партизан, Црвена звезда, Цибона, Будуќност...