Кочов: И самиот сум изненаден колку добро одигравме против Ловќен!

Екипата на МЗТ Скопје ја прикажа дефинитивно најдобрата партија во последните години во кои се натпреварува во АБА2-лигата, откако попладнево буквално го прегази Ловќен со 96-55, што секако донесе задоволство на лицето на тренерот Ѓорѓи Кочов.

Дури и тој самиот беше изненаден од перфектниот настап на неговите избраници, особено во дефанзивата.

„И јас сум изненаден од тоа како одигравме. Ова е само втор натпревар на кој одиграме вака добра одбрана откако сум тренер, а првиот беше против Работнички во финалето од плеј-офот пред две години. Мора да ги пофалам моите кошаркари, кои одиграа храбро, агресивно и тоа беше клучно за убедливиот триумф. Пофалби заслужуваат и моите помошници и кондицискиот тренер кои завршија одлична работа, ги подготвија играчите и успеавме да го запреме најдобриот играч на Ловќен, Питерс“, изјави по натпреварот тренерот на аеродромци.

МЗТ Скопје сега е втор на табелата со учинок 6-3, во пресрет на последниот дуел на турнирот во Сараево, задутре против Младост Земун.