Јуниорскиот тим на МЗТ Скопје се наоѓа на само мал чекор до пласман меѓу четирите најдобри во АБА-лигата, откако денеска со убедливата победа над Цедевита Олимпија (82-70) дојде до скор 3-1 со кој е ептен блиску до втората позиција на табелата која води на финалниот турнир следната година.

Блескавата игра во третиот период (21-12) на талентите од Аеродром им ја донесе клучната предност и тоа од релативно изедначената игра во останатите четвртини. „Штркчињата“ одиграа паметно и мудро и секоја грешка на противникот жестоко ја казнуваа.

Никола Кацарски одигра феноменално и средбата ја заврши со дабл-дабл ефект од 21 поен и дури 16 скока, додека двоцифрен поентерски ефект имаа уште и Дарио Митевски со 18, Виктор Исајловски со 13 и Андреј Андоноски со 10 поени. Максимум дадоа и сите останати кои стапнаа на теренот, со оглед што ова пред сѐ е тимски триумф.

МЗТ Скопје Аеродром сега привремено е на лидерската позиција на табелата во групата Б и тоа со 7 бода (скор 3-1), но и со натпревар повеќе во однос на Црвена звезда, која има шест бода (3-0). Многу детали околу евентуалниот пласман на македонскиот шампион меѓу четирите најдобри на Јадранот ќе зависи од вечерашниот меч на нивниот последен противник Копер Приморска ( утре во11.45 часот) против Задар, но и утрешната пресметка на Цедевита Олимпија со Морнар.

Ако Копер Приморска загуби вечерва тогаш МЗТ Скопје Аеродром ќе го има обезбедено второто место без разлика на епилогот од утрешниот дуел против овој тим. Во спротивно победата ќе им биде неопходна на аеродромци, иако има одредени комбинации според кои би останале втори дури и со пораз од пет-шест поени разлика.