АБА како НБА: Кошаркарите на Работнички и на МЗТ ќе минат десет дена во луксузен - затвор!

Најдобрите македонски кошаркарски екипи, МЗТ Скопје и Работнички во периодот од 9 до 18 ноември ќе настапат на првиот т.н. „балон“ од АБА2-лигата на Златибор (Србија), каде што ќе ги одиграат првите четири кола според ригорозен протокол поради кој играчите на овие тимови ќе се почувствуваат како да се во – луксузен затвор.

Според најавите, сите 14 клубови што ќе бидат дел од овој турнир ќе бидат сместени во убедливо најдобриот хотел во овој зимски туристички центар, со многу пропратни содржини, што и тоа како ќе им биде важно на кошаркарите. Причина за тоа е фактот што според протоколот, тие нема да смеат да го напуштат хотелот во ниту еден момент за време на десетдневниот престој и единствено ќе се движат на релација хотел-сала-хотел во периодот кога имаат тренинг односно натпревар.

Предводниците на АБА сериозно ја сфатиле задачата да доздадат безбедна средина за учесниците на „балонот“, поради што ќе се обидат да ги прекопираат најдобрите работи од НБА и на ваков начин организираната завршница во Орландо, секако во рамки на сопствените можности. Така, кошаркарите на МЗТ и на Работнички, заедно со сите останати екипи, ќе бидат двојно тестирани – пред тргнувањето кон Златибор и веднаш по пристигнувањето во хотелот и тоа со брзи и со ПЦР-тестови. Ништо нема да биде препуштено на случајот, а евентуално позитивните играчи би биле изолирани во хотелските соби и ним нема да им биде дозволено да излезат од нив до заминувањето од Србија, што секако значи дека нема да може да ги играат натпреварите.

Средбите ќе се играат во две различни сали, а на располагање ќе им биде и трета за тренинг. Според протоколот, во арените, каде што ќе се играат натпреварите ќе смеат да влезат само претставниците на екипите и официјалните лица, поточно само тие што ќе бидат сместени во хотелот кој тие десет дена буквално ќе биде отсечен од остатокот од светот. Публика, дефинитивно, ќе нема на трибините

Екипите на Златибор ќе треба да пристигнат два дена пред одигрување на првиот натпревар, што значи дека Работнички во соседството ќе треба да замине на 7 ноември, а МЗТ Скопје еден ден подоцна. Враќањето е веднаш по одигрување на последниот меч, кој центарци ќе го одиграат на 16 ноември, а составот од Аеродром два дена подоцна.

Во моментов е огромни шансите телевизија Арена да врши преноси од сите натпревари кои ќе се играат на првиот од трите предвидени „балони“ во регуларниот дел од АБА2. Следните два ќе се одржат во јануари и март следната година. Веднаш потоа ќе стартува плејофот со најдобрите осум екипи, кој ако дозволи епидемиолошката ситуација би според системот дома-гости. Во спротивно, ако пандемијата сѐ уште биде голем проблем во април 2021 година, тогаш и завршницата би била организирана турнирски.

РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ

ПРВО КОЛО

РАБОТНИЧКИ – Студентски Центар (9 ноември)

МЗТ СКОПЈЕ – Подгорица (10 ноември)

ВТОРО КОЛО

РАБОТНИЧКИ – Подгорица (12 ноември)

МЗТ СКОПЈЕ – Сутјеска (12 ноември)

ТРЕТО КОЛО

РАБОТНИЧКИ – Ловќен (14 ноември)

МЗТ СКОПЈЕ – Широки (15 ноември)

ЧЕТВРТО КОЛО

РАБОТНИЧКИ – Младост Земун (16 ноември)

МЗТ СКОПЈЕ – Борац БЛ (18 ноември)