Во САД се потсетија на ноќта кога Антиќ беше уапсен, а на негов соиграч му беше – скршена ногата!

Немилите сцени кои веќе неколку дена се реалност за многу градови во САД, каде штомногумина протестираат против полициската бруталност, поради која настрада црномурестиот Џорџ Флојд, ги „примора“ медиумите да се потсетат на други слични инциденти меѓу кои е и тој од Њујорк пред неколку години во кој беше инволвиран нашиот Перо Антиќ и неговиот тогашен соиграч од Атланта хокс, Тибо Сефолоша.

Во 2016 година, пред еден ноќен клуб во Њујорк, двајцата беа лишени од слобода од полицијата, наводно поради опструкција во работата на полицајците, при што Сефолоша настрада многу повеќе и тоа со скршена нога, поради што предвреме мораше да ја заврши сезоната. Антиќ ја мина ноќта во полициска станица, по што беше ослободен од сите обвиненија, а потоа ја тужеше њујоршката полиција, но не доби ниту долар отштета. Неговиот соиграч, пак, мина многу подобро по ова прашање, откако поради скршената нога доби четири милиони долари.

Сефолоша вчера се наврати на немилите сцени пред ноќниот клуб, наведувајќи дека и нападот врз него бил расистички односно поради неговата темна боја на кожата тој бил физички малтретиран и завршил со скршена нога, додека „белиот Антиќ“ бил само приведен без да биде применета физичка сила врз него.