Ужасно: Кошаркар на Јута го имаше најлошиот учинок во историјата на НБА!

Кошаркарите на Јута Џез доживеаја историски дебакл на домашен терен, откако во „Делта Центарот“ беа декласирани од Шарлот Хорнетс (95-150), а поразот од 55 поени разлика е најтежок за франшизата откако се пресели во Јута.

Со овој резултат беа испишани и црни рекорди во Солт Лејк Сити. Единствениот потежок пораз во целата историја на франшизата е на некогашниот Њу Орлеанс Џез во дуелот со Милвоки Бакс во 1979 година и тоа со 56 поени разлика. Името на Џез сега по вторпат се најде на неславната листа од 25 најтешки порази во историјата на НБА.

Негативните бројки не застануваат тука. Шарлот постигна дури 41 поен по офанзивни скокови, што е најмногу на еден натпревар од сезоната 1996/97 наваму, откако се води напредна статистика во лигата. Посебно неславен рекорд постави кошаркарот на Јута, Коди Вилијамс, кој заврши со плус-минус учинок од минус 60 – најлош во историјата на НБА. Тоа значи дека „џезерите“ имале негатива од 60 поени во минутите кога Вилијамс бил на паркетот. Иако 21-годишникот, десетти пик на драфтот во 2024 година, постигна 15 поени за 32 минути игра, овој натпревар сигурно ќе сака што побрзо да го заборави. Инаку, Коди е помлад брат на ѕвездата на Оклахома, Џејлен Вилијамс.

Треба да се напомене и дека Јута настапи значително ослабена, без Лаури Марканен, Јусуф Нуркиќ и Ајс Бејли.

ФОТО: X / @KatoParinaSLC