Тимот Леброн славеше против тимот Јанис во еден од најдобрите Ол-стар натпревари (ВИДЕО)

Леброн Џејмс и дружината беа подобри од Јанис Адетокумпо и неговиот состав со 157-155 на 69-тото издание на Ол-стар натпреварот во НБА-лигата. 

Дуелот во „Јунајтед центарот“ во Чикаго беше еден од најдобрите во историјата, бидејќи играчите воопшто не се штедеа. Имаше дуели, цврста одбрана, а секако не изостануваа и атракциите. Целиот викенд беше посветен на трагично загинатиот Коби Брајант и неговата ќерка, па така тимот Јанис носеше дресови со број 24, додека тимот на Леброн на дресовите носеа број 2 во чест на ќерката на Коби, Џијана.

Се играа три регуларни четвртини, а последниот период до 24 поени исто така во чест на легендарниот кошаркар на Лејкерс. Каваи Ленард го доби МВП-признанието, кое од оваа година официјално се вика „Коби Брајант“. Кошаркарот на Лос Анџелес клиперс уфрли 30 поени и имаше седум скока и четири асистенции.

„Можноста да го ставам трофејот во мојата соба и да го видам името на Коби Брајант ми значи многу. Тој е голема инспирација во мојот живот, направи многу за мене. Сакам да му се заблагодарам за сè што направи за мене, за долгите разговори и за тренинзите. Ти благодарам“, изјави Ленард. 

Леброн Џејмс имаше 23 поени, колку што постигна и Крис Пол, додека Ентони Дејвис реализираше 20. Лука Дончиќ на своето деби на Ол-старот постигна осум поени. Во составот на Јанис најмногу се истакна токму грчкиот кошаркар со 25 поени и 11 скока, Жоел Ембид постигна 22 поени и 10 скока, Кемба Вокер имаше 23, а Руди Гобер исто така дабл-дабл со 21 поен и 11 скока.