Спектакл на повидок: Јанис против Јокиќ како загревање за Олимписките игри

Репрезентациите на Србија и Грција би можеле да одиграат пријателски натпревар пред почетокот на Олимписките игри во Париз што би бил генерална проба за двете селекции.

Преговорите за нивниот дуел се во тек, а ако се најде заеднички јазик, тој би требало да се игра идната недела во белградската Арена. Воедно, тоа ќе биде пресметка на двајца од најголемите светски ѕвезди Никола Јокиќ и Јанис Адетокумпо, освојувачи на пет МВП награди во НБА лигата.

Извесно е дека преговорите за пријателски меч се идеја на Грците бидејќи тие имаат закажан само еден подготвителен дуел пред Олимписките игри и тоа денеска, против Порторико во Солун. За разлика од нив, Србија денеска се среќава со Австралија, утре со САД, а на 21 јули со Јапонија во Белград.