Снајперски дуел на Кари и Тејтум, Вучевиќ ја продолжи доминацијата на Балканците (ВИДЕО)

Кошаркарите на Бостон селтикс излегоа како победници во синоќешната НБА-пресметка против Голден стејт (119-114) во меч во кој беше видена револверашка пресметка на Џејсон Тејтум и на Стеф Кари, кои без проблеми ја надминаа границата од 40 поени.

Првиот беше најзаслужен за триумфот на „келтите“ со 44 поени и 10 скока, но приказната на вечерта и покрај поразот на неговиот тим ја испиша Кари, кој средбата ја заврши со 47 поени и тоа со 11 реализирани удари за три поени. Тоа беше само зацврстување на листата со најмногу средби со двоцифрен број тројки, на која сега има 20, а зад него е Клеј Томпсон со пет. Бекот на „воините“ е во неверојатна шутерска форма, со оглед што ова му е трет меч по ред со најмалку 10 тројки, а во последните пет средби вкупно реализира 44 удари за три поени, повеќе од кошаркарите на четири НБА-тима – заедно.

По вчерашните блескави игри на Никола Јокиќ и Лука Дончиќ, балканската доминација во НБА денеска ја продолжи Црногорецот Никола Вучевиќ. Тој постигна 25 поени и беше најзаслужен за триумфот на Чикаго булс во пресметката со Кливленд (106-96).

РЕЗУЛТАТИ: Јута – ЛА Лејкерс 115-127, Чикаго – Кливленд 106-96, Вашингтон – Детроит 121-100, Бостон – Голден стејт 119-114, Милвоки – Мемфис 115-128, Феникс – Сан Антонио 85-111.