Охриѓанецот Осман им одржа лекција на големите ѕвезди од Бруклин (ВИДЕО)

Тоа што навивачите на Бруклин нетс со нетрпение го очекуваа изминатиов период, првиот заеднички настап на трите големи ѕвезди на овој клуб, заврши со најмалку посакуваното сценарио – пораз во пресметката со Кливленд кавалирс (135-147).

Кевин Дурент и Џејмс Харден првпат заиграа заедно со Кајри Ирвинг, но тоа не го донесе посакуваниот резултат, за што меѓу главните „виновници“ беше турскиот репрезентативец Џеди Осман, кој е роден во Охрид и кој средбата ја заврши со 25 поени и по седум скокови и асистенции. Јунак на вечерта беше 22-годишниот бек на „коњаниците“, Колин Секстон, кој ги засени ѕвездите на „мрежичките“ со реализација на рекордни во кариерата 42 поени. Учинот е уште поимпресивен ако се знае дека ова беше негов прв меч по паузата од пет натпревари поради повреда.

На спротивната страна, Дурент постигна 38 поени, 12 скока и осум асистенции, Ирвинг уфрли 37 поени, додека Харден забележа трипл-дабл со 21 поен, 10 скока и 12 асистенции.

РЕЗУЛТАТИ: Кливленд – Бруклин 147-135 (прод.), Филаделфија – Бостон 117-109, Индијана – Далас 112-124, Атланта – Детроит 123-115 (прод.), Торонто – Мајами 102-111, Минесота – Орландо 96-97, Хјустон – Феникс 103-109, Голден стејт – Сан Антонио 121-99, Л.А. Клиперс – Сакраменто 115-96.