Нови девет позитивни случаи на ковид-19 во НБА

НБА-лигата и Асоцијацијата на играчи во НБА денеска објавија дека нови девет кошаркари се позитивни на ковид-19 при последното тестирање.

Биле направени вкупно 344 тестови помеѓу кошаркарите во периодот од 24 до 29 јуни и девет тестови биле позитивни. Вкупната бројка на заразени кошаркари со коронавирусот во НБА-лигата е 25 откако почна тестирањето на 23 јуни.

Во периодот од 23 до 29 јуни тестирани се 884 лица кои се дел од тимовите, но не се кошаркари и 10 теста се позитивни на ковид-19.

Сите позитивни лица ќе бидат во изолација и ќе мора да ги следат медицинските протоколи.

НБА-лигата треба да ја продолжи сезоната во Дизниленд, Орландо на 31 јули. Веќе е објавен и распоредот на натпреварите, но доколку бројката на позитивни кошаркари продолжи да се зголемува, можно е сезоната комплетно да биде поништена или евентуално дополнително одложена.