НБА ќе ја спасува сезоната со турнири во Лас Вегас?

Раководството на најсилната кошаркарска лига НБА сериозно работи на изнаоѓање на решение како да се доигра актуелната сезона во екот на брзорастечката епидемија од коронавирусот во САД, кој успеа да ја надмине и Кина по бројот на заразени во земјата.

НБА-лигата беше прекината откако Руди Гобер од Јута Џез беше првиот кошаркар заболен од новиот Ковид-19 и сега кога брзо се шири заразата, како и за сите други спортски настани, неизвесно е кога истата би можела да продолжи. Но, во НБА размислуваат и го разгледуваат сценариото да се организира посебен турнир и тоа само во Лас Вегас по специфични услови со цел да се заврши некако сезоната и да се добие шампион.

Водечките луѓе со Адам Силвер на чело ја разгледуваат опцијата во која регуларната сезона би се откажала, а дополнувањето на тимовите за плејофот би се играле низ т.н. „плеј-ин турнир“ за екипите кои се послабо рангирани, но имаат шанса за да се изборат за место во доигрувањето.

Мечевите би се играле во три добиени и така би се комплетирале тимовите кои би играле во плејофот, а потоа тој плејоф, како и самото финале би се играле во „Томас и Макс Центарот“, кој традиционално е домаќин на летната лига во НБА.