Милвоки и Сакраменто ги затворија тренинг-центрите поради ковид-19

Милвоки бакс и Сакраменто кингс се последните тимови од НБА-лигата што ги затворија своите тренинг-центри по добиените резултати од тестирањето на ковид-19.

Се претпоставува дека некои од позитивните лица доаѓаат од овие тимови, но тоа не мора да значи дека се работи за кошаркари, бидејќи тестирани се и стручните штабови и лицата кои работат во тимовите секојдневно.

Двата тима нема да тренираат во својата сала се до четврток до тргнувањето за Орландо, поточно Дизниленд, каде сезоната треба да продолжи на 30 јули.

Претходно своите тренинг-центри ги затворија Денвер и Бруклин, каде исто така имаше позитивни лица на ковид-19, како и Мајами, Лос Анџелес клиперс и Феникс.

Дел од американската кошаркарска јавност најавува дека сезоната во НБА-лигата нема да продолжи, бидејќи случаите на коронавирус во САД драстично се зголемуваат од ден на ден. Само на Флорида до вчера имаше 200.000 позитивни лица на ковид-19.