Јокиќ продолжи да ги малтретира ривалите со - трет трипл-дабл по ред (ВИДЕО)

Никола Јокиќ продолжува да се наметнува како главен фаворит за третото по ред признание за најкорисен кошаркар на сезоната во НБА, откако ноќеска продолжи да ги малтретира ривалите и тоа со третиот по ред трипл-дабл ефект во убедливиот триумф на Денвцер нагетс во дуелот против Атланта хокс (128-108).

Србинот одигра за него скромни 34 минути, со оглед што победникот беше познат многу пред крајот, за кои реализира 14 поени, 18 скока и 10 асистенции. Најефикасен кај тимот од Колорадо беше Џамал Мареј со 41 поен. Ова беше 37. триумф за Денвер (со 16 порази), со кој овој тим останува лидер во Западната конференција.

Њу Орлеанс пеликанс ја добија пресметката со ЛА Лејкерс (131-126), во меч во кој гостинската ѕвезда Леброн Џејмс направи нов исчекор кон апсолутниот поентерски рекорд на Карим-Абдул Џабар. „Кралот“ средбата ја заврши со 27 поени, девет скока и шест асистенции, со што дојде на само 36 поени до место во вечноста. Се уште актуелниот рекордер Џабар кариерата ја заврши со 38.387 поени.

Голден стејт вориорс, пак, скапо ја плати победата на домашен терен против Далас маверикс (119-113), со оглед што во третата четвртина остана без Стеф Кари, кој го повреди коленото и кој најверојатно ќе пропушти неколку следни натпревари на „воините“. Без разлика на помалата минутажа, Кари со 21 поен беше најпрецизен во својот тим, додека Динвиди со 25 поени беше најпрецизен кај „телињата“, во чиј состав го немаше Лука Дончиќ.

РЕЗУЛТАТИ: Бруклин – Вашингтон 125-123, Њу Орлеанс – ЛА Лејкерс 131-126, Детроит – Финикс 110-116, Њујорк – ЛА Клиперс 128-134, Чикаго – Портланд 129-121, Милвоки – Мајами 123-115, Оклахома Сити – Хјустон 153-121, Голден Стејт – Далас 119-113, Денвер – Аталанта 128-108.