Јокиќ: Не сум јас најдобар – МВП трофејот треба да го добие Дончиќ!

Српскиот центар во дресот на Денвер нагетс, Никола Јокиќ, потенцира дека МВП трофејот оваа сезона треба да заврши во рацете на словенечкиот репрезентативец, Лука Дончиќ.

Двајцата се сретнаа во меѓусебен дуел во ноќта помеѓу недела и понеделник, а победија „телињата“ (107-105) со лудиот кош на Кајри Ирвинг во последната секунда. Словенецот беше убедливо најефективниот играч со 37 поени.

„Не сум јас најдобар во НБА, трофејот за најдобар треба да заврши кај Дончиќ. Но, тоа не е моја одлука“, изјави Јокиќ.

Без разлика за сопственото мислење, Јокиќ во моментов е лидер во трката за МВП наградата, за кого тоа би било трето вакво признание. Зад него се Шеј Гилџес-Александер и Јанис Адетокумбо, додека Дончиќ е дури на четвртото место.