Историјата вели: Сакраменто одбира најлошо на драфтот

Утринава се одржа НБА-драфтот, па американските медиуми пренесуваат разни анализи, статистики и историјати поврзани со младите кошаркари и тимовите. 

Според некои првични прогнози и анализи Сакраменто може да е голем губитник, слично како и минатите години. Кингс го имаа четвртиот пик и го одбраа Киган Мареј од Универзитетот Ајова. Многу експерти сметаа дека Сакраменто треба да го одбере Џејџен Ајви, кој беше петти пик и замина во Детроит.

Интересно е тоа што изминативе години Кингс правеа големи грешки на драфтот и испуштија потенцијален олстар тим. Во 2011 година, тимот од Калифорнија го имаше 10-тиот пик и го одбраа Џејмс „Џимер“ Фредете, а не Клеј Томсон, кој беше 11-ти пик и замина во Голден Стејт. Овој кошаркар моментално игра во Кина, додека Томсон е петкратен шампион на НБА и е еден од најдобрите шутери во историјата. 

Следниот кикс на Кингс беше следната година 2012. Тогаш имаа уште повисок пик и тоа број 5 и наместо да го одберат Демијан Лилард, тие се одлучија за Томас Робинсон. Лилард замина во Портланд како шести пик и се промовираше како еден од најдобрите играчи на денешницата.

Последната голема грешка на Сакраменто беше во 2018 година, кога го имаа вториот пик. Тогаш раководството на Кингс предводено од Владе Дивац одлучи да го одбере Марви Бегли Третиот и го испушти Лука Дончиќ, кој потоа падна како трет пик и замина во Далас. 

Ако историјата се повтори, Ајви, кој замина во Детроит ќе стане голема ѕвезда, додека на Мареј не му се пишува добро.