Гасол нема да игра за Барселона идната сезона

Легендарниот кошаркар Пау Гасол нема да се врати во Барселона и да ја заврши кариерата во клубот во кој го почна својот кошаркарски пат.

Ветеранот кој пред неколку дена наполни 40 години сака да одигра уште една сезона и да се пензионира официјално на Олимписките игри во Токио идното лето. Шпанецот засега нема многу понуди од НБА-тимовите, па навивачите на Барселона се понадеваа дека тој би можел да се врати во каталонскиот гигант.

Сепак, на разочарување на многу, член на управниот одбор на Барселона потврди дека клубот нема да го ангажира Гасол.

„Немавме никакви разговори со Пау Гасол, ниту пак ќе ги има“, рече Жоан Бладе.

Гасол беше двократен шампион во НБА-лигата како член на Лос Анџелес лејкерс, а во лигата нема играно од март 2019 година поради тешка повреда на стапалото. Тој не успеа ниту да дебитира за Портланд за кој потпиша по повредата и беше отпуштен во ноември минатата година. Последниот натпревар го одигра во дресот на Милвоки.