Дурант е ѕвер – го врати Бруклин од мртвите за ново водство против Бакс (ВИДЕО)

Кошаркарите на Бруклин нетс го вратија водството во полуфиналната плејоф-серија на Истокот против Милвоки бакс (3-2), откако ноќеска и покрај сите пехови со повредите (ги немаше Харден и Ирвинг) го добија петтиот меѓусебен дуел со 114-108.

Најзаслужен за тоа беше Кевин Дурент, кој одигра ѕверски и буквално сам ги скроти „елените“. Ваквиот исход не беше реален по првото полувреме, во кое доминираа „бакси“, кои кон средината на третиот период имаа предност од 74-57. Но, тогаш се разбудија „мрежичките“, кои предводени од фантастичниот Дурент направија целосен пресврт и тоа за убедлива победа.

Тој средбата ја заврши со неверојатен трипл-дабл ефект со 49 поени, 17 скока и 10 асистенции, одигрувајќи ги сите 48 минути како прв кошаркар во последните три сезони кој воопшто не седнал на клупата на еден плејоф-меч. Последен пат тоа го имаше направено Леброн Џејмс на 27 мај 2018 година, кога ги одигра сите минути во седмиот меч против Бостон.

Серијата почна со две победи на Бруклин, по што следеше идентичен одговор на Милвоки.