Денвер прокоцка плус 25, Јокиќ одигра одлично, ама промаши - шут за победа (ВИДЕО)

Кошаркарите на Денвер нагетс долго ќе го паметат синоќешното гостување кај ЛА клиперс (85-87), кој го загубија иако кон средината на третата четвртина имаа предност од дури 25 поени разлика (59-34).

Но, тогаш како да застанаа, што домаќинот прво го искористи со серија 21-3 да дојде до едноцифрена негатива (55-62), а во финишот од мечот да направи целосен пресврт и да дојде до победа. Гостите од Колорадо и во последните секунди имаа можност да дојдат до заслужениот триумф, но Никола Јокиќ не погоди шут за тројка, откако самиот ја пренесе топката по целиот терен. Тоа ќе беше круна на фантастичната партија на српскиот кошаркар, кој средбата ја заврши со 21 поен, 13 скока и осум асистенции, но, за жал, топката заврши во предниот обрач. Денвер останува на шестото место во Западната конференција со скор 20-19, додека Клиперс е на осмото место со 21-21.

За одбележување е и десеттата победа во низа на Мемфис гризлис и тоа над Голден стејт вориорс (116-108), за која најзаслужен беше Жа Морант со 29 поени. Кај „воините“ најпрецизен беше Стеф Кари со 27 поени.

РЕЗУЛТАТИ: Вашингтон – Оклахома 122-118, Торонто – Феникс 95-99, Чикаго – Детроит 133-87, Мемфис – Г. Стејт 116-108, Њу Орлеанс – Минесота 128-125, ЛА Клиперс – Денвер 87-85.