Дебитант во НБА дојде до историски трипл-дабл, но неговиот тим – загуби (ВИДЕО)

Дебитантот на Њу Орлеанс пеликанс, Дерик Квин, беше централна фигура на синоќешните натпревари во НБА, иако неговиот тим загуби во драмата против Сан Антонио спарс (132-135).

Младиот кошаркар имаше историски настап со 33 поени, 10 скока, 10 асистенции и четири блокади, остварувајќи подвиг што досега го нема направено ниту еден новак во лигата - трипл-дабл со над 30 поени и четири блокади. Во последните две децении, дебитантска партија блиску до неговата имаат само Лука Дончиќ, Остин Ривс, Блејк Грифин и Стеф Кари – но Квин е единствениот кој го надгради со четири блокади, поставувајќи преседан во НБА статистиката.

И на останатите две средби, кошаркарите кои блеснаа индивидуално не им донесоа победи на своите екипи. Сакраменто „падна“ на гостувањето кај Индијана (105-116), иако Расел Вестбрук запиша импресивен трипл-дабл - 24 поени, 14 асистенции и 13 скока. За ветеранот ова беше 207-ми ваков учинок во кариерата и четврти сезонава, но ниту тоа не беше доволно да ги спаси Кингс. Индијана со оваа победа ја израмни својата најдолга серија годинава – само две победи во низа, во сезона во која имаат 6 триумфи на 24 натпревари.

Феникс санс, пак, во Минеаполис ја прекина серијата од пет победи на Тимбервулвс (108-105). Домашниот лидер Ентони Едвардс блесна со 40 поени, но мечот го одбележа и исклучувањето на Руди Гобер поради удар со лакт во скок-акција.

ФОТО: EPA PHOTO