Чикаго со најдобар старт уште од времето кога Џордан по петти пат стана шампион (ВИДЕО)

Кошаркарите на Чикаго булс го совладаа Торонто репторс (111-108) во синоќешната пресметка од НБА-лигата, што беше четврта победа во четвртиот меч од новата сезона, совршен старт идентичен на тој од сезоната 1997/98 кога Мајкл Џордан ги однесе „биковите“ до петтиот шампионски прстен.

Главна причина за позитивната трансформација на „булси“ е доаѓањето на олстар-ѕвездата Демар Дерозан, кој беше напрецизен во ноќешниот дуел со 26 поени против тимот кој го драфтува и каде што одигра цела деценија.

 

 

Најдраматичниот меч на вечерта се одигра во Шарлот, каде што домашните Хорнетс загубија од Бостон селтикс (129-140) и тоа по едно продолжение, откако регуларниот дел од средбата завврши со резултат 122-122. Домаќинот се држеше добро во првите две минути од екстра-периодот, по што следуваше серија 14-0 на „келтите“ доволна за конечен триумф. Џејсон Тејтум беше јунак на вечерта со 41 поен, седум скока и осум асистенции, што беше негова трета средба со над 40 поени и по пет скока и асистенции во кариерата, со што влезе и во историјата на Бостон.

 

 

Партијата на вечерта, сепак, ја имаше литванскиот центар Јонас Валанчиунас, кој оствари 20 поени со 20 скока во победата на Њу Орлеанс над Минесота тумбервулфс (107-98), прва за овој тим во новата сезона.

РЕЗУЛТАТИ: Шарлот – Бостон 129-140 (п), Индијана – Милвоки 109-119, Атланта – Детроит 122-104, Бруклин – Вашингтон 104-90, Мајами – Орландо 107-90, Торонто – Чикаго 108-111, Минесота – Њу Орлеанс 98-107, Денвер – Кливленд 87-99, Л.А. Клиперс – Портланд 116-86.