Чеди Осман: Македонија ми е врежана во срцето - затоа ја носев на патиките!

Охриѓанецот Чеди Осман утринава стана вториот кошаркар роден во Македонија кој настапил на олстар-викенд во НБА-лигата, по Перо Антиќ во 2014 година, а со својот потег да го носи македонското знаме на една од патиките му донесе респект буквално од сите во неговата родна земја.

Тој е репрезентативец на Турција и насекаде се води како турски кошаркар, но во ниту една прилика не пропушта да потенцира дека всушност е родум од нашата држава, поточно од Охрид, каде што сѐ уште има роднини и каде што редовно доаѓа секое лето. Кошаркарот на Кливленд кавалирс по настапот на мечот на „Ѕвездите во подем“ објасни што сакал да потенцира со специјално дизајнираните патики на кои беа исцртани македонското и турското знаме.

„Среќен сум што сум дел од олстар-викендот и што играм заедно со голем број талентирани кошаркари. Роден сум во Македонија, а вечерва ја претставувам Турција. Двете знамиња на моите патики покажуваат дека сум нивни репрезента и дека тие постојано се во моето срце. Знам дека оттаму имам голема поддршка без разлика што се случува“, изјави по средбата Осман.

Тој својот настап на олстарот во Шарлот го заврши со учинок од два поени, три скока и четири асистенции.