Вистинско класико во Белград: Реал надополни 13 негатива и ја прелета Барса за финале!

Реал Мадрид после пет порази во низа го доби најважното „ел класико“ сезонава и ја победи Барселона во супердраматичен меч во второто полуфинале на фајнлфорот во Белград во кошаркарската Евролига со 85-83 за да закаже финале за трофејот против турски Ефес во сабота.

Големо изненадување направија „кралевите“, зашто после егало мечот до средина на првата четвртина, Барселона имаше плус 11 на полувреме (45-34), плуд 13 по стартот на третиот период (47-34), но се случи страшен пресврт во завршницата од истиот, па Реал до крајот успеа да стигне до предност од четири поени (60-56) откако на противникот му дозволи само 11 поени во тие 10 минути.

Најголеми плус седум имаа „кралевите“ на скоро половина од последната четвртина (73-66), но Барселона успеа да дојде во егал и да израмни (75-75), по што Фабиен Косер со тројка и украдена топка за лесна завршница повторно ја врати солидната предност на плус пет (80-75) и ја најави победата, а Барселона сѐ што успеваше беше да дојде на поен негатива, но во пенал-завршницата „кралевите“ не пропуштија да дојдат до конечна победа.

Гершон Јабуселе и Косер беа предводници со по 18 поени, Серхио Љуљ даде 15, додека кај Барса, залудни беа 26-те поени на Никола Миротиќ, Николас Лапровитола додаде 17, а Брендон дејвис погоди 15 поени.