ТФТ чека По Ортез да „згасне“ за да има сигурен настап во групите од Еврокупот!

Сензационалниот освојувач на Купот на Македонија, екипата на ТФТ, е прва резерва за настап во квалификациите за Лигата на шампионите (ЛШ) и нејзиниот настап зависи од поранешниот европски шампион По Ортез и од фактот дали овој тим ќе добие лиценца за настап во француската елита.

Само во случај овој некогашен гигант не добие „зелено светло“ да биде дел од ПРО А-лигата, тогаш составот од Тафталиџе ќе биде вклучен ЛШ и тоа на местото на Стразбур, кој ќе биде „унапреден“ меѓу екипите од групната фаза. Ова е исклучително важен момент за ТФТ и македонската кошарка, бидејќи самиот настап во квалификациите, без разлика на успехот во нив, гарантира потоа место во групната фаза од ФИБА Еврокупот. Тоа значи сигурно шест дополнителни европски меча за скопјани, нешто што тие го посакуваат, а што се случи кога Карпош Соколи пред четири години беше првиот македонски тим што настапи во квалификациите за ЛШ.

Дилемата за тоа дали ТФТ ќе излезе на европска сцена ќе се реши најдоцна до 7 јули, за кога е закажана ждрепката за квалификациската фаза.