Познати шеширите пред ждрепката за Европското првенство

На 24 дена пред ждрепката, ФИБА ги објави шеширите од кои ќе бидат формирани групите за Европското кошаркарско првенство.

Најдобррангирани се актуелниот светски и европски шампион, Германија и Шпанија, потоа олимпискиот и светскиот вицепрвак Франција и Србија кои ќе бидат во повластена позиција. Минатата недела, домаќините избраа по една репрезентација која ја сакаат во својата група, па Кипар се одлучи за Грција, Финска за Литванија, Летонија за Естонија, а Полска за Словенија.

Репрезентациите ќе бидат поделени во четири групи со по шест члена, а во осминафиналето пласман ќе обезбедат најдобрите четири од секоја група. Ждрепката ќе се одржи во Рига, на 27 март од 14 часот.

Главниот град на Летонија ќе биде домаќин на една од групите, како и на завршницата од континенталниот шампионат, а останатите групи ќе се играат во Тампере, Лимасол и Катовице.