По Пантер, Партизан се раздели и со Зек Ледеј

Зек Ледеј официјално повеќе не е кошаркар на Партизан откако белградскиот клуб денеска преку социјалните мрежи се прости од својот досегашен играч.

Такво нешто се шпекулираше претходните недели, а со разделбата, Партизан потврди дека летово планира реконструкција на екипата. 

„По три сезони, Зек Ледеј летово си оди од Партизан. Човекот кој остави длабока трага и стана миленик на навивачите на Партизан, постигна спогодба врз основа на која нашите патишта ќе се разделат. Како и Кевин Пантер, Зек Ледеј останува засекогаш дел од црно-белото семејство“, пишува во соопштението на Партизан.

Ледеј дојде во Партизан во 2021 година, заедно со Кевин Пантер и остави длабока трага во поновата историја на клубот. Својата кариера најверојатно ќе ја продолжи во Олимпија Милано каде би требало да му биде соиграч на нашиот Ненад Димитријевиќ.