Париз испушти +20 и поразен си замина од Каунас

Екипата на Париз доживеа пораз кој може скапо да го чини во борбата за пласман во плејофот од Евролигата.

Францускиот вицепрвак загуби на гостувањето кај Жалгирис со 81-83 и покрај тоа што во втората четвртина водеше со 20 поени разлика (45-25 и 47-27). Пред крајот на првото и на почетокот од второто полувреме домашниот тим направи серија од 19-0 и ја стопи негативата, а во драматичниот финиш дојде и до победа со која ги задржа шансите за место во топ-6.

Ти Џеј Шортс повторно беше најефикасен во редовите на Париз, постигна 21 поен, но со лош шут за два (6/17), а и во финишот имаше неколку грешки кои влијаеја на конечниот резултат. При водство на Жалгирис од 81-79 изнуди неспортски прекршо од противнички играч, но ги промаши двете слободни фрлања и во следниот напад шутираше од неизградена позиција при што не успеа да погоди.

Жалгирис остана неказнет, па на две секунди пред крајот постигна кош преку Франсиско и дојде до триумфот.